Една од водечките ИТ-компании во светската iGaming-индустрија, македонскиот BtoBet, се стекна со регулаторна дозвола, која ќе ѝ овозможи да почне да ги обезбедува своите услуги и водечка технологија на пазарот во Северна Америка.
Според Тсахи Маимон, претседател на групацијата NeoGames од која BtoBet е дел, ова е важна пресвртница за компанијата која се стреми да го прошири своето глобално присуство преку позиционирање во перспективниот северноамерикански регион.
„Навистина сме возбудени што сме во позиција да почнеме со испорачување на нашата врвна технологија за електронско спортско обложување на клиентите во Онтарио. Оваа дозвола која инаку ја издава Комисијата за алкохол и игри на Онтарио (AGCO), е потврда за способноста на BtoBet да ја приспособи својата понуда според барањата на разните пазари“, истакна Маимон додавајќи дека безбедноста на играчите што ја користат онлајн-платформата за спортско обложување на компанијата останува број еден приоритет.
Регулаторното одобрување од AGCO доаѓа по неодамна стекнатиот сертификат за усогласеност GLI-33, кој практично го забрза доближувањето на BtoBet до државите во Северна Америка, каде што електронското спортско обложување е легализирано или е во процес на легализација.
Во моментот македонскиот BtoBet има водечка позиција на регулираните пазари во Европа, Латинска Америка и во Африка, со повеќе од 30 склучени партнерства, меѓу кои светските William Hill, Betfair, FanDuel, Intralot и други.